БИТОЛА

Битола – градот под Пелистер – историја, култура, дестинации

Битола е град во југозападниот дел на Македонија и е административен, културен, економски, индустриски, образовен и научен центар за овој дел од Македонија.
Градот е познат и под името „град на конзулите“ . Битола е трет по големина град во Македонија според бројот на жители, додека по површина е втор.
Во текот на историјата, во зависност од владетелите, градот Битола имал многу имиња. Словенскиот назив за градот, Битола, потекнува од зборот Обител (старословенски овој израз до денес се употребува и во хрватски: Обитѣль) кој за време на средниот век се користел за заедница на монаси, како фамилија односно манастир. Името го добил по многуте манастири што се наоѓале во градот и во околината, а некои постојат и денес. Со текот на времето, гласот О се исфрла во изговорот на зборот „Обител“, и името на градот станува Битола. Грците од истите причини градот го нарекувале Монастири (грчки: Μοναστήρι).
Битола е денешен официјален назив за градот, но истовремено и најстариот назив, судејќи по Битолската плоча од 1015 година на којашто градот е спомнат, како и според многуте војсководци на царот Самуил, како и патниците од тоа време. Арапскиот патник Абу Абдалах Мухамед ал-Идриси во 12 век напишал: „Потребни се два дена патување на исток за да се стигне од Ахрид (Охрид) до Бутили (Битола). Бутили е необичен и убав град“.
Постојат приказни според кои на десниот кеј на реката Драгор имало 41 цркви и исто толку воденици за нивно издржување. Исто така и на левиот кеј на Драгор имало 29 цркви со исто толку воденици. За време на празничните денови во тоа време, народот од селата од Битолското поле се собирале кај овие цркви каде ги вршеле своите верски обреди. Со оглед на тоа што земјиштето на кое се наоѓал градот Битола тогаш било прекриено со многубројни цркви, градот го добил името Манастир. Има верзија која вели дека градот Битола името Манастир го добил по една огромна црква која се наоѓала над Битола, кај сегашниот мост викан Црн Мост (турски јазик: kara köprüsü). Во оваа црква можеле да се сместат сите присутни од селското население од битолското поле кои доаѓале за време на празниците да ги вршат верските обреди.
Според записите на Марко Цепенков, градот Битола своето име го добил по големопоседникот Тољо, кој имал своја тврдина во близината на денешното битолско село Буково. Во времето кога дошле Турците да го освојат овој дел од Македонија, за да го повикаат на борба големопоседникот Тољо, му велеле „Би Тољо, до би Тољо“, со што според Марко Цепенков од таму потекнува денешното име на градот Битола.
За време на отоманските власти, градот се викал Манастир, што Турците и Албанците го усвоиле од Грците. После Балканските Војни од 1913 градот потпаѓа под српска окупација и повторно го добил старото име Битола.

Топ дестинации во Битола

Хераклеа Линкестис
Штом го направиш првиот чекор низ тесните улички на Хераклеа под твоите нозе ќе се распостели историјата и минатото. Името на Хераклеа Линкестис неминовно го навраќа секој од нас со векови назад, во периодот на IV век п.н.е. кога овој град е основан од страна на Филип II. Наоѓајќи се на најзначајната сообраќајница од тоа време, Виа Игнација (via Egnatia), Хераклеа станува и најважна нејзина станица во регионот.
Ваквиот нејзин статус неминовно влијае и врз нејзиниот брз развој што е сосема очигледен не само од историските извори туку и од материјалните остатоци на денешниот локалитет.

Музеј Битола
Секој од нас иако бескрајно ја сака иднината, сака да погледне и во минатото и да го почувствува неговиот мирис да го чуе неговиот звук. Секој камен од дворот на овој објект, секоја врата која се отвара пред нас ги чува звуците на минатото и на иднината. Во своите пазуви ги чува вековите и приказните за долгото постоење. Ги знае сите приказни и несебично ги подарува на секој оној кој сака да ги чуе.
Националната Установа „Завод и Музеј” – Битола денес е лоцирана во еден од најзначаните културно историски споменици во Битола, во објектот Стара касарна. Важноста и значењето на овој објект не се резултат само на неговата монументалност, туку и на историското минато, настаните и личностите кои тука престојувале.

Спомен соба на Мустафа Кемал Ататурк
Богатството на експонати (археолошки, етнолошки, историски и др.) се еден дел преку кој можеме да станеме сведоци на сопственото минато. Постојаната археолошка поставка каде се проследуваат различните етапи од историјата на ова поднебје, Градската соба, Спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк како и бројните повремени изложби од различни области им даваат можност на посетителите да го почувствуваат духот на минатото и барем за момент да откраднат еден миг од историјата која ја создавале минатите генерации. Но и овој миг во следниот момент ќе биде историја, па затоа секој од нас постојано станува дел од оваа наша заедничка историја, од ова наше постоење.

Безистен (Покриен пазар)
Наутро во центарот на градот, крај кејот на реката Драгор четири големи железни порти го отвораат светот на убавината. Луксузот повикува од секој дуќан.
Свилата, срмата и други скапоцени ткаенини се обвиткуваат околу телото, го дотеруваат, го стокмуваат.
Навечер се затвораат ги чуваат и кријат во своите пазуви убавините, богатството.
И така секој ден до денес…….

Стара чаршија
Ако само пред неколку децении тргнеше од Дрвен Пазар до Ат Пазар, тесните камени сокаци ќе те одведеа низ триесетина чаршии. Секоја од нив одзвонува со свој посебен звук со свој посебен глас. Студенилото на каменот заменето со топлиот збор на мајсторите – мајтапчии и калфите – досетливи. Постари и помлади, совети и поуки.
Секој камен од тие калдрмени улици илјадници пати во денот ги чувствува туѓите чекори како вјасаат да откраднат поголемо парче од денот.
Коњите каскаат, камилите и дрвените коли натоварени со најубави стоки од Виена, Париз и Стамбол, Далечниот Исток со своето крцкање го параат воздухот, толку пријатно…

Исак џамија
Во близина на мостот каде луѓето не се разминуваат туку застануваат да поразговараат, во близина на мостот кој понекогаш дели различни светови и судбини тука денес по којзнае кој пат се сплотува минатото и сегашноста.
Исхак Челеби Ибн Иса џамија е изградена во 1506 год. и таа е една од најстарите зачувани џамии во Битола. Наспроти Саат Кулата, и Големиот Безистен, оваа џамија чиј минарет е висок околу 50 метри, едноставно доминира во просторот.
Оваа џамија била само дел од големиот вакаф на ктиторот кој освен оваа џамија изградил и медреса, мектеб, 103 дуќани, лозја, 20 воденици и многу други објекти. Целокупниот овој имот требало да биде издржуван од приходите од неговите дуќани во чаршијата, но и од приходите од останатите делови од неговиот имот.
Оваа еднопросторна подкуполна џамија опкружена со секогаш негувано зеленило претставува вистинско почивалиште за душата на нејзиниот ктитор, но и на верниците кои тука доаѓаат тивко да ги изречат своите молитви или едноставно да ги сослушаат божјите зборови. Изградена во техника „клоазоне”, каде наизменично се менуваат делкан камен и тула, се добива необичен но привлечен изглед на овој значаен објект.

ХОТЕЛ КЕОПС 4*- БИТОЛА

KEOPS 1
Havana Logo with separators