МАВРОВО

Името Маврово значи Црно Поле и ѝ било дадено на областа по некоја голема битка во минатото. Мавровското (Црно) Поле, било потопено во 1953 година, со цел да се создаде Мавровското Езеро. Старата селска црква „Свети Никола“, што зимно време се наоѓа на суво, лете како да плови по езерото, пркосејќи ѝ на човечката интервенција.

Маврово изобилува со автохтона флора и фауна. Тука можете да ги видите сивиот сокол, орелот крстач, суриот (златен) орел, шумски ут, па не е чудно ако на терасата од хотелот во кој престојувате ви слета шумско бувче.
Во националниот парк заштитени живеат и мечката, рисот, дивата коза и дивата мачка. Водите на реката Радика и притоките, како и Мавровското Езеро, се омилена дестинација на риболовците и тоа за пастрмка, клен, скобуст, мрена, плашица, крап.
Националниот парк „Маврово“ е дел од брендот паркови „Динариди“ – проект на организацијата Светски фонд за природата (WWF), чијашто цел е да се работи на признавањето на подрачјето Динарскиот лак, што се протега на север од Трст во Италија до Македонија на југ и кој е исто толку значаен како и Алпите или Карпатите. Динарскиот лак допрва треба да стане синоним за одржлив развој – со планински еко-туризам и зачувување на природните реткости.

Маврово е познато по еден од најубавите ски-центри во Македонија што е сместен на падините на планината Бистра. Најсовремено опремен за љубителите на алпското скијање, турно скијање (free ride skiing), сноуборд, крос-кантри – од скијачи-почетници до врвни професионалци, со најсовремена опрема за одржување на бројните патеки и нивно деноноќно користење.

Во бачилата направени во планински стил можете да се сончате на планинското сонце со планински чај, варена ракија и туршија и да уживате во облините на снежната кралица Бистра.
Центарот поседува единаесет ски-лифтови и три жичарници со вкупна должина од 5.700 метри и капацитет од 11.100 патници на час. Се скија на 1.255 до 1.860 метри надморска височина со професионална подготовка на патеките со помош на шест ратраци.
Должината на скијачките патеки под жичарниците е 5.000 метри, а на ски-лифтовите од 10.000 метри. Патеките се осветлени и озвучени за ноќно скијање, а има и кафе-барови (бачила), ски-патрола, амбулантна моторна санка и други моторни санки, машина за правење на вештачки снег, ски-школа со врвни инструктори. Просечната снежна покривка во текот на зимата е 70 сантиметри, а сезоната трае од ноември до април.
Крос-кантри патека
Ски-центарот нуди одлични услови за љубителите на сноубордингот и многу услови за скијање на различен начин, како крос-кантри патеката „Мирна долина“, долга 7,5 километри, или користење на 30 километри долгата патека на која се одржува мавровскиот комеморативен турнир (слободен стил). Ски-центарот организира и меѓународни натпревари во слалом и велеслалом, сноубординг и др.
Турно скијање (free ride skiing)
На територијата на паркот, особено на планините Бистра, Кораб и Крчин, постојат идеални услови за турно и фрирајд скијање, што е хит во светот. Националниот парк „Маврово“ работи на обезбедување на идеални услови за туристите кои ќе ги користат овие патеки во иднина. Моментално, во соработка со Македонската асоцијацијата на професионални водачи во планина, се подготвува екипа од десет локални професионални водaчи кои ќе ги услужуваат туристите кои ќе бараат вакви услуги.
Бројни настани се случуваат во текот на зимската сезона: Мавровскиот комеморативен турнир; крос-кантри активности, аматерски хуманитарен велеслалом, снежен град, европски куп во сноуборд, национални и меѓународни натпревари во слалом и велеслалом.
Ноќите во прекрасното Маврово можете да ги помнете во неколкуте клубови и ресторани во близина на ски-центарот, како и во околината на Мавровското Езеро.
Сафари-парк „Бунец“ – репродуктивен центар за европскиот елен
Овој центар зафаќа територија од 430 хектари, што е обиколена со заштитна ограда. Во него посетителите можат да видат европски елени, како и елен лопатар. Локалитетот изобилува со прекрасни места за одмор, многу видиковци, чешма со ладна изворска вода, а од неодамна е поставена набљудувачница – идеално место за набљудување на животните од кое ќе можат да се направат прекрасни фотографии.
Низ сафари-паркот ќе ве водат стручни лица (ренџери) кои ќе ве запознаат и со разни растенија, тревки чаеви и диви овошки со кои изобилува Маврово.
Кога сте во Маврово, никако не пропуштајте ја можноста да се прошетате до манастирот „Свети Јован Бигорски“, најрепрезентативниот споменик на архитектонско-уметничкото наследство на регионот.
Тој е изграден по углед на светогорските манастири и неговата грандиозност се должи на фактот дека е изграден со посебен ферман – дозвола од султанот.
Наследувајќи ги духовните вредности на старото култно место од единаесеттиот век и изграден врз темелите на постари, средновековни објекти, манастирот го добил името по својот патрон светец – Свети Јован Крстител, но и по фактот дека бил изграден од – бигор!
Надалеку е познат по својот иконостас, чиј автор е Петре Филипов-Гарката од селото Гари, но и по чудотворната икона на Свети Јован Крстител – трирачник!
Се верува дека третата рака е благословувачка и дека иконата им помага на родителите кои не можат да добијат деца. Постои легенда за некој бег од Албанија од шеснаесеттиот век, кој дошол во манастирот на поклонение. Наредната година тој добил син и сиот свој имот му го подарил на „Свети Јован“. Тој ветил и дека ќе праќа маслиново масло во манастирот зашто такво масло се произведувало на неговиот имот. Денес, месните жители сметаат дека на имотот на бегот сè уште постои табла на која е испишано името на светецот.

MIA’S FAVORITE HOTEL 4*- МАВРОВО

mias-favorite-hotel-genel-001
Havana Logo with separators