Истанбул

05.09-08.09.2025

389€

Истанбул

СИГУРНА РЕАЛИЗАЦИЈА

АВИОНСКА ПРОГРАМА
Термин: 05.09.2025  08.09.2025

 

Добредојдовте во Истанбул, каде што Истокот се среќава со Западот, каде што историјата се среќава со иднината. Град кој никогаш не спие, исполнет со арома на зачини, со звукот на живите пазари и прекрасната архитектура.

Истанбул – единствениот град метропола која спојува два континента, два света, град кој во себе ја носи реалноста и фантазијата, град на материјалното но и духовното спојување на минатото и сегашноста. Градот претставува дом на многу култури, центар на многу империи низ вековите наназад, поради што во него се наоѓаат голем број на историски знаменитости од типот на џамии, цркви, синагоги, дворци, замоци и кули. Наполеон Бонапарта за Истанбул рекол: „Ако светот беше една држава, Истанбул ќе беше нејзиниот главен град”.

 

05.09.2025 – петок

Состанок на групата на аеродромот во Скопје 2 часа пред лет. Време на полетување 14:50 часот, слетување во Истанбул во 17:15 часот, локално време. Организиран трансфер и панорамски разглед на градот (попатно до хотел) со локален водич на англиски јазик. Сместување во хотел Бристол 3+* во Бејоглу.  Вечерта, можност за факултативно крстарење со вечера и вклучени алкохолни пијалоци по Босфор (за останатите слободно време за индивидуални активности ). Ноќевање.

 

06.09.2025 – сабота

Појадок во хотел. Факултативна посета на Галата Кула, Цветниот пасаж, Истиклал, Таксим, Султанахмет, Света Софија, Базилика цистерна, Сина Џамија, Долмабахче Палата.

Галата Кула, некогашен затвор кој денес е еден од најпопуларните туристички атракции и видиковци со импресивен поглед од 360 степени кон Истанбул и Босфор. Галата се наоѓа во модерната област Бејоглу, во која исто така се наоѓа и Каракој (една од најстарите и најпознати историски населби на градот, како  и важен трговски и транспортен центар во Истанбул); прекрасната Црква Свети Антониј Падуа од 1725 година како и булеварот Истиклал по чија должина од 3 километри поминуваат црвените трамваи повеќе од 90 години. Булеварот никогаш не спие, а дури и во неработните денови го посетуваат по 3.000.000 луѓе. Се наоѓа во близина на најголемиот и најпознат плоштад во Истанбул, Таксим, во чиј центар се издига споменикот Џурумхуриет Анити посветен на формирањето на Турската Република во 1923 година.

Во Бејоглу ќе го посетиме и цветниот пасаж – Чичек Пасаџи – познат по својата жива атмосфера, во која се сместени бројни ресторани и кафулиња кои нудат разновидна турска и интернационална кујна.

Се упатуваме кон историскиот кварт Султанахмет во областа Фатих, каде се наоѓаат сите поголеми знаменитости на Истанбул, меѓу кои и прекрасната Света Софија. Невозможно е да поминете низ овој град без да влезете во оваа светски позната византиска градба од 6-тиот век со импресивна купола која ќе ви го одземе здивот. Станува збор за најголемата црква во светот која претрпела неколку трансформации во текот на своето петнаесетвековно постоење – од црква во џамија, од џамија во музеј, па повторно во џамија која сè уште ја красат христијански елементи.

Веднаш спроти Света Софија ќе го посетиме паркот Султанахмет во чиј центар се наоѓа прекрасна кружна фонтана, а пак околу кој се лоцирани Амамот на Хурем Султан (кој е сè уште во функција), и Сината Џамија која со своите шест минариња е позната како најголемата и најубавата џамија во цел Истанбул (напоменуваме за почитување на правилата на верниците: соблекување на чевлите и покривање на главата и рамената доколку сте жена) . Од тука се упатуваме кон Базилика цистерна – најголемата античка подземна цистерна во Истанбул, која се користела за складирање вода во минатото и сега е популарна туристичка атракција.

Дворецот Долмабахче кој денеска служи како музеј се наоѓа на европскиот дел на градот во реонот на Бешикташ. Овој објект бил изграден во времето на османлискиот султан Абдул Меџит I. Палатата е позната како „Турскиот Версај” заради својата елеганција и раскош. Комплексот го сочинуваат Џамијата Долмабахче, Саат кулата, Харемот, Кристалниот павиљон, Музејот на часовници, градините и грандиозните декорирани порти: Султанската, Трезорската и Босфорската порта, која како што и самото нејзино име сугерира, гледа директно кон синилото на Босфорот.

 

07.09.2025 – недела

Појадок во хотел. Факултативна посета на Принцески острови – Бујукада

Принцеските Острови, архипелаг од девет острови кои се наоѓаат во северозападниот дел на Мраморно Море и јужно од Картала и Пендик. Најпознат и најголем од островите е Бујукада, на кој се забранети секаков вид на возила освен велосипеди и кочии. Бујукада е најпрефериран од сите 9 острови поради прекрасната природа, густи шуми, музеи, ресторани, како и мистериозните остатоци од контроверзното и напуштено грчко христијанско сиропиталиште Принкипо (1903 – 1964) кое важи за најголема дрвена зграда во Европа и втора по големина во светот. Пловиме со брод низа Мраморно море, ова е прекрасна можност да вкусите одлична храна во прекрасен амбиент на островот.

Додека Бујукада е најголемиот и историски најинтересен од островите, Хејбелиада е местото каде што можете да уживате во релаксација, традиција и опуштена атмосфера со значајни и околни плажи и клубови на плажа. Најзелениот остров на Истанбул, Хејбелиада е познат не само по својата освежителна природа и воздух, туку и по своите историски институции.

Во вечерните часови гратис пешачка тура – Галата порт и Каракој

 

08.09.2025 – понеделник

После појадок во хотелот, организиран трансфер до аеродром. Полетување за Скопје во 12:15 часот, слетување во Скопје во 12:45 часот локално време.

 

ЦЕНА НА АРАНЖМАНОТ: 389 ЕВРА

 

 

ВО ЦЕНАТА НА АРАНЖМАНОТ Е ВКЛУЧЕНО:

  • Авионски превоз на релација Скопје – Истанбул – Скопје со AJet Airlines со вклучен кабински багаж – 8 кг. и чекиран багаж од 20 кг.
  • Трансфер аеродром – хотел – аеродром
  • Сместување во хотел Бристол 3+* на база 3 ноќевања со појадок
  • Туристичка такса во хотел
  • Панорамски автобуски разглед на Истанбул со локален водич (попатно кон хотел)
  • Локален водич на англиски јазик
  • Организиција на аранжманот и придружник од агенција за време на целото патување

 

ВО ЦЕНАТА НА АРАНЖМАНОТ НЕ Е ВКЛУЧЕНО:

  • Истанбул City tour – Галата кула, Цветниот пасаж, Истиклал, Таксим Султанахмет, Света Софија, Базилика цистерна, Сина Џамија, Долмабахче Палата, ( без влезница во Дoлмабахче Палата, Топкапи Палата, Аја Софија, Базилика цистерна) – 55 евра
  • Влезница Долмабахче Палата – 40 евра
  • Влезница Аја Софија – 30 евра
  • Влезница Базилика цистерна – 30 евра
  • Целодневна посета на Принцески острови со вклучен трансфер, брод, ручек и локален водич – 60 евра
  • Ноќно крстарење по Босфор со трансфер, водич, вечера со вклучени алкохолни пијалоци – 60 евра
  • Доплата за еднокреветна соба – 80 евра
  • Патничко-здравствено осигурување (задолжително)

 

НАПОМЕНА:

  • За реализација на програмата потребни се минимум 20 лица
  • За реализација на сите факултативи со наведените цени потребни се минимум 20 лица – цените на факултативите се подложни на промени согласно бројот на пријавени патници.
  • Постои можност за организација на дополнителни индивидуални факулативи – инфо за цени во агенција.
  • Агенцијата го задржува правото за промена на излетите по денови и саатници
  • Плаќање во денарска противвредност 1 евро = 62 денари
  • Пасошот мора да биде со важност мин. 6 месеци од денот на враќањето.

 

ПРИГОВОРИ И ПОПЛАКИ

  • Во случај на неадекватно сместување или било кој друг проблем, се молат патниците за тоа веднаш да го известат одговорното лице на рецепцијата . Доколку проблемот не биде решен, веднаш треба за истиот да се извести ОРГАНИЗАТОРОТ НА ПАТУВАЊЕТО и уплатното место каде сте склучиле Договор за патување, за време на првиот ден од сместувањето и почетокот на овa програмa. Напоменуваме дека рекламации за кои агенцијата ќе дознае на последниот ден од престојот или по враќањето на патниците, истите нема да бидат земени во предвид или разгледани.
  • Ве молиме во случај на било каков инцидент (кражба, тепачка, сообраќајна незгода….), да се обратите на надлежните инситуции во земјата на престојот. Организаторот на патувањето единствено е задолжен да Ви помогне при посредување меѓу вас и надлежните институции. Составен дел од оваа програма се Општите услови на патување на организаторот на патувањето. За сите информации дадени усмено, агенцијата не сноси одговорност.
Споделете :
Scroll to Top

Контакт форма за резервација